Тејлор Свифт и Опра се приклучуваат во глобалниот настан во чест на здравствените работници

Тејлор Свифт, Џенифер Лопез и Опра Винфри се приклучија на глобалниот специјален телевизиски пренос овој викенд, кој ќе оддаде почит на напорите на здравствените работници на првите линии на фронтот против епидемијата на коронавирус, соопштија организаторите, пренесува „Ројтерс“.

Настанот ”One World Together at Home („Еден свет заедно дома)“, комбинација на музика, комедија и сведоштва на доктори, медицински сестри и продавачи во супермаркети, исто така ќе содржи и дополнителен шестчасовен стриминг настан со настапи на големи спортски ѕвезди, вклучувајќи ги и светскиот шампион во Формула 1 Луис Хамилтон, американската фудбалерка Меган Рапино, најуспешната скијачка на Светскиот Куп Линдзи Вон, десетици пејачи, актери и инфлуенсери на социјалните мрежи.

Стриминг-настанот на 18 април ќе претходи на двочасовната емисија што ќе се емитува низ повеќе северноамерикански и интернационални телевизиски мрежи во сабота навечер, што ќе биде најголем обид досега да се покаже солидарност со здравствените работниците од првите редови.

Сите учесници на настанот, организиран од Светската здравствена организација (СЗО) и организацијата „Глобал ситизен“, ќе се појават оддалеку поради препораките за социјално дистанцирање за да се спречи ширењето на болеста во која починаа повеќе од 124.000 луѓе ширум светот.

Треба да знаете
Последни објави