Играчот од средниот ред на англискиот фудбалски премиерлигаш Манчестер унајтед, Бруно Фернандеш го бранеше својот тимски колега Пол Погба и рече дека неговите критичари заборавиле какви квалитети тој поседува. Португалскиот репрезентативец смета дека светскиот шампион е критикуван поради големите очекувања од него.
Французинот учествуваше само во осум натпревари во Премиер лигата и се мачи со повреда. Од почетокот на годината, тој постојано беше поврзуван со враќање во Јувентус. Бруно Фернандеш смета дека Погба бил неправедно критикуван.
„Со сигурност можеме да кажеме дека во фудбалот, луѓето обично забораваат што сте направиле добро и се сеќаваат кога сте направиле грешка. Може да одиграте 34 добри натпревари и еден лош натпревар и сите ќе го запомнат тој натпревар. Пол е во лош период. Кога играше, тимот не настапуваше добро бидејќи очекувањата за него беа големи. Погба е врвен играч и Манчестер Јунајтед плати многу за него, изјави Фернандеш.
Според него, сите очекуваат Погба да игра како Кристијано Роналдо или Лео Меси.
– Сите го очекуваат ова од Пол во Манчестер Јунајтед затоа што знаат дека тој има квалитети да го стори тоа. Тимот има многу доверба во него, додаде играчот од средниот ред на „црвените ѓаволи”.