Јапонската корпорација Фуџифилм соопшти денеска дека започнала со поголемо производство на лекот Авиган, кој инаку се користи против грип, а тестиран за третман на респираторни инфекции предизвикани од новиот коронавирус.
Целта е да се обезбедат доволно лекови за лекување до 300.000 пациенти месечно, за период до септември, пренесува агенцијата Кјодо.
Лекот во моментов, клинички се тестира во Јапонија како можен лек за Ковид-19, а по кинеската студија која покажа дека лекот е ефикасен во лекувањето на пациентите.
Доколку се потврди ефикасноста и безбедноста на лекот Авиган во клиничките испитувања што почнаа на 31 март, јапонската Влада, најверојатно, ќе одобри употреба на лекот во третманот на Ковид-19.
И странски влади покажаа интерес за лекот, па затоа јапонската влада планира бесплатно да обезбеди Авиган за 20 држави.
Меѓутоа, бидејќи се смета дека Авиган, познат и како Фавипиравир, предизвикува дефекти при раѓање, не може да го користат бремени жени или жени што можеби се бремени.