Американскиот претприемач и коосновач на Мајкрософт Бил Гејтс денеска ја критикуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО), во услови на пандемија на новиот коронавирус.
Трамп одлучи да го запре финансирањето на СЗО, оценувајќи дека таа организација е виновна за ширењето на коронавирусот.
„Запирањето на финансирањето на СЗО е опасно. Нивната работа помага за запирање на ширењето на вирусот и во светот нема друга организација која би можела да ја преземе нејзината улога. На светот му треба СЗО повеќе од кога и да е”, напиша Гејтс на Твитер.
Трамп нареди да се прекине американското учество во финансирањето на СЗО бидејќи е незадоволен од работата на оваа организација во текот на пандемијата на коронавирусот. На прес конференција во Белата куќа тој синоќа оцени дека СЗО не ја исполнила својата основна должност и дека за тоа ќе мора да одговара.
Трамп ја обвини СЗО дека промовира „кинески дезинформации” за коронавирусот, што, како што оцени, веројатно доведе до поголема епидемија на вирусот отколку што во спротивно ќе се случеше.
Претходно реагираше и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој го повика американскиот претседател Доналд Трамп да не го прекинува финансирањето на СЗО, истакнувајќи дека „сега не е време за тоа”.
-Сега е време за единство, за соработка во меѓународната заедница, време е за солидарна заедничка работа и борба против вирусот и последиците од пандемијата, апелира Гутереш.
Реакција стаса и од претседателката на Американското медицинско здружение Патрис Херис, која го повика Трамп да ја преиспита одлуката, оценувајќи ја како „опасен чекор во погрешен правец”.
Од Центарот за здравствена безбедност Џонс Хопкинс порачаа дека ваквиот потег испраќа погрешна порака среде пандемија.
– Пандемијата не е време за такви работи. Потегот испраќа погрешна порака среде пандемија. СЗО прави грешки, како што беше случај со одложувањето на реакцијата на епидемијата на ебола во 2013 и 2014 година во Западна Африка. Можеби ќе бидат потребни реформи, но само откако ќе пројде пандемијата, изјави д-р Амеш Адалја, експерт за заразни болести и научник.
Организацијата „Protect Our Care” смета дека ова не е ништо друго освен обид на претседателот Трамп за свртување на вниманието на јавноста од неуспехот на неговата администрација во подготовката за пандемијата.
– Да бидеме јасни, Светската здравствена организација не е без грешки, но неразумно е да се намали финансирањето на врвот на глобална пандемија. Ваквиот чекор несомнено ќе доведе до тоа Американците да се чувствуваат помалку безбедни, оценуваат од таа организација.
САД се најголемиот донатор во СЗО. Минатата година оваа држава во СЗО дала повеќе од 400 милиони долари, што е околу 15 отсто од нејзиниот буџет, кој изнесува околу 4,5 милијарди долари.