Нациите од Г20 го поддржуваат одговорот на Светската здравствена организација (СЗО) на пандемијата на Ковид-19, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, коментирајќи ја неодамнешната објава на американскиот претседател Доналд Трамп дека Вашингтон ќе го прекине финансирањето на СЗО поради наводниот неуспех за правилно решавање на кризата, пренесува „Спутник“.
„Во овој случај, можеме да го повториме заклучокот од 26 март, од итниот самит на лидерите на Г20. Претседателите на Г20 излегоа со координирана изјава за Ковид-19 во која се вели дека Г20 и СЗО се цврсто посветени да сторат сé што е можно за да се надмине пандемијата “, рече Песков.
Во соопштението се вели дека лидерите на Г20 целосно ги поддржуваат напорите на СЗО и имаат намера да го зајакнат нејзиниот авторитет за координирање на одговорот на Ковид-10.
„Гледаме дека претседателите на Г20, вклучително и претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, се потпираат на СЗО, во врска со натамошните напори за анализирање на искуството од оваа пандемија, гледаме дека тие ги поддржуваат напорите на СЗО. Ова е нашата позиција во Москва“, додаде Песков.
Во меѓувреме, и Брисел се осврна на потегот на Трамп.
„Длабоко жалам за одлуката на САД да го прекинат финансирањето на СЗО. Нема причина со која ќе го оправдаат овој потег во момент кога нивните напори се потребни повеќе од кога и да било“, напиша на Твитер шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеф Борел.
Американскиот претседател синоќа ја објави својата одлука за прекинување на финансирањето за СЗО, тврдејќи дека организацијата го спречила одговорот на Вашингтон на пандемијата на Ковид-19. Тој, исто така, ја критикуваше СЗО дека е наклонета кон Кина и вети темелна истрага што ќе се спроведе во следните 60 до 90 дена.