Владата на Белгија попладнево најави дека рестриктивните мерки ќе се продолжат до 3 мај, по што би требало да започне постепено олеснување, доколку ситуацијата тоа го дозволи, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Состојбата со пандемијата сѐ уште не е доволно стабилна за да се укинат мерките на изолација на населението, оние кои можат да работат од дома ќе треба да продолжат тоа да го прават, да се продолжи со физичка дистанца, училиштата остануваат затворени, а се препорачува носење на маска кога тоа е возможно, но не е задолжително, сите јавни собири, фестивали и концерти се откажуваат до 31 август, изјави премиерката Софи Вилмес.
-Никој не може да каже кога ќе се вратиме на нормалниот живот, патот е долг и трнлив, а ние мораме да покажеме упорност и одлучност, на хоризонтот нѐ чека подобра иднина, истакна премиерката на денешната прес конференција.
Советот за безбедност на Белгија повторно ќе се состане идната недела за да почне да разговара за деталите на укинувањето на рестрикциите, како да се организира конкретно и постепено од почетокот на мај.
Овој процес ќе биде еволутивен и базиран на научните наоди за да се забави ширењето на вирусот, сѐ ќе зависи од резултатите на терен и пред сѐ од почитувањето на столбовите: дистанца, тестирање, следење и нови правила за работните места, додаде Вилмес.
Ова конкретно значи и дека меѓународните институции и организации како ЕУ и НАТО, со седиште во Брисел, мораат исто така да ги продолжат рестриктивните мерки.
Од 3 мај идејата е да почне да се размислува за повторно отворање на училиштата и да се рестартира постепено економијата, која е во застој од почетокот на март. Премиерката меѓутоа одби да каже точно што и кога ќе се случува, ниту која област ќе биде прва реактивирана или кои делови од економската активност ќе бидат приоритетни.
Во периодот до 3 мај, граѓаните мораат да продолжат да ги следат истите препораки, во спротивно следуваат високи казни.
Сепак, Владата одлучи да дозволи да бидат отворени мал број продавници покрај оние за храна и лекови, но нивниот број е многу мал и состојбата е далеку од општо отворање на економската активност во земјата за сега.
Освен тоа, Владата одлучи дека ќе биде дозволено да се посетуваат лицата во старечките домови, што до сега беше строго забрането.