Шекеринска на телеконференцискиот состанок на НАТО министрите за одбрана за COVID-19: Заедно сме посилни

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска попладнево учествуваше на телеконференцискиот состанок на министрите за одбрана на НАТО земјите посветен на борбата против COVID-19.

Состанокот го отвори генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а министерката Шекеринска заедно со другите министри од одбраната имаа одвоени излагања на кои ги изнесоа гледиштата и ставовите на своите земји во поглед на ширењето на заразата и мерките за помош на цивилните власти во намалувањето на последиците од нејзиното ширење.

Генералниот секретар и голем број на министри за одбрана честитаа за членството на Република Северна Македонија во НАТО и го поздравија првото учество на Шекеринска како полноправен член.

Шекеринска се заблагодари за поддршката што ја доби нашата земја за приемот во НАТО и ја истакна нашата подготвеност за соработка со сојузниците во борбата против пандемијата.

“Благодарни сме што нашите пријатели од САД, Турција, Чешката Република, Норвешка, Унгарија, Словенија, Обединетото Кралство, Холандија и Бугарија испратија помош до нас во оваа голема криза. Помошта ни значи многу бидејќи е во услови на општа загрозеност на сите држави и ги става на тест националните здравствени системи низ целиот свет”, рече министерката.

Шекеринска упати порака до генералниот секретар на Алијансата и до министрите за одбрана дека “нашата држава добро знае што значи да се притекне во помош кога е тоа потребно” и ја изрази нашата подготвеност за поддршка на КФОР во услови на медицински итни потреби.

Министерката упати сочувство за жртвите од пандемијата и изрази увереност дека НАТО со својот широк спектар на активности ќе придонесе за побрзо и поефикасно справување со здравствената криза.

На крајот на состанокот генералниот секретар Столтенберг рече: “Кризата покажа дека нашите членки се истрајни и обединети. Нашите вооружени сили веќе играат важна улога во поддршка на иницијативите на цивилните авторитети. Така, низ користењето на НАТО механизмите сојузниците си помагаат едни на други во спасувањето животи”.

Поддршката во борбата против коронавирусот ја координира командантот на Здружената команда за Европа, генералот Тод Волтерс. Помошта се одредува преку утврдување на потребите и понудите од сојузниците и партнерите и организирање воздушен транспорт со кој стотици тони опрема и материјали се насочуваат кон земјите кои имаат итна потреба.

Треба да знаете
Последни објави