Големата камбанарија во јужната кула на катедралата Нотр Дам во Париз, ќе се огласи денеска во 20:00 часот, во знак на потсетување на големиот пожар што избувна пред точно една година.
Активностите на градилиштето за обнова на храмот по пожарот, се запрени поради корона-пандемијата.
Нотр Дам има две големи ѕвона што се наоѓаат на јужната кула – „Емануел”, поставено 1686 година, и „Марија”, поставено 2013 година. Со своите 13 тона, „Емануел” е второто најголемо ѕвоно во Франција а самиот јазик на ѕвоното тежи скоро 500 килограми.
Грандиозната Богородична црква за Французите не е само светски позната средновековна готска катедрала, туку самото срце на Париз кое одбележало неколку од најзначајните настани во француската историја. Така, на пр., нејзините моќни ѕвона на 24 август 1944 година го означија ослободувањето на Франција од нацистите, а 26 години подоцна се огласија и на погребот на водачот на Движењето на отпорот – генералот Шарл де Гол.
Меѓу оние кои ја опеале Богородичната црква во Париз, е и поетот Жерар де Нервал (1832), а пак, романсиерот Виктор Иго една година претходно ја издаде класиката „Sвонарот од Богородичната црква” – познатата приказна за ѕвонарот Квазимодо и ромската танчерка Есмералда.