По успешната прва фаза од пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија, Европската комисија сега работи на годишните извештаи за земјите од Западен Балкан, кои се очекуваат во јуни, како и на економскиот план за регионот, изјави еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј.
– Со ревидирање на методологијата на процесот за проширување и одлуката да се отворат пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија ја вративме политиката на проширување на прав пат. Го вративме нејзиниот кредибилитет, не само за Западен Балкан, туку и за сите наши земји членки, вели Вархеј за порталот Европски Западен Балкан.
Еврокесарот нагласува дека заложбата на европската перспектива за Западен Балкан отсекогаш била присутна, како и дека проширувањето и понатаму останува една од клучните политики на Европската унија.
– Од почетокот на нашиот мандат веднаш почнавме со работа. Кредибилитетот е во основата на ревидираната методологија, како прв од четирите принципи. Воведовме и поголема предвидливост и динамичност на процесот и му дадовме посилна политичка насока, нагласува Вархеј.
Третиот елемент од пристапот, посочува тој, е економскиот и инвестициски план, кои сега се уште порелевантни со оглед на негативниот ефект од кризата со корона вирусот на економијата во регионот.