Oд СДСМ да покажат фактури за обезбедената помош, да објаснат од каде нашле пари и како одлучуваат кому ќе поделат хуманитарни пакети, побара потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој ја обвинува власта дека ги поткупува граѓаните и ја повика Државната комисија за спречување на корупцијата да го испита случајот на генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски кој делеше пакети во Крив Паланка.
-Имаме сознание дека се работи за директен поткуп на гласачи. Ова е акција планирана за изборите кои требаше да се одржат на 12 април и се обидуваат да прават поткуп на граѓаните, што е тешко казниво дело. Бараме Антикорупциската комисија да поведе постапка против СДСМ и да провери на кој начин се обезбедени овие таканаречени донации. Сметам дека има основа за покренување кривична одговорност за врвните одговорни лица во СДСМ, рече Николоски.