Група американски пријатели во пензија, вљубеници во покер, ја игнорирала опасноста од коронавирусот, но нивната последна партија на Флорида завршла трагично, бидејќи осуммина од нив се заразиле со Ковид-19, а тројца починале.
Во рок од неколку недели, сите осуммина се разболеле, тројца подлегнале на инфекцијата, а синот на една од жртвите вели дека постојано ја предупредувал својата мајка да внимава што прави.
Станува збор за група на повозрасни Њујорчани кои се преселиле на Флорида по пензионирањето, кои цврсто биле поврзани преку оваа игра со карти, а токму таа нивна последна партија што ја одиграле во Авентура, место на 20 милји северно од Мајами, се покажала фатална за Мерси Фридман (94) и брачната двојка Беверли Глас ( 84) и Фред Сендс (86).
Според преживеаните, еден од учесниците во партијата покер кашлал за време на играта, пренесоа американските медиуми.
„Ова е трагедија“, вели Хариет Молко, која верувала дека ќе умре по девет дена минати во болницата.
Молко, чиј сопруг Роналд исто така бил во болница, вели дека целиот случај е кошмар кој сака што побрзо да го заборави затоа што сите биле повеќе од пријатели, односно се чуствувале како семејство, патувале заедно, посетувајќи ги казината низ Флорида.
Ендрју Фридман, кој живее во Бруклин, од каде потекнувала неговата сега почината мајка, истакнува дека ја предупредил да се грижи за социјалната дистанца, да престане со покерските забави сè додека не помине оваа ситуација, но таа не го послушала.