„Си-ен-ен“ пишува дека Маск не ги доставил ветените респиратори во болниците во Калифорнија

Илон Маск, претприемач и извршен директор на „Тесла“, рече минатиот месец дека болниците во Калифорнија ќе ги обезбеди со повеќе од 1.000 респиратори за да се справат со коронавирусот.

Гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом тогаш рече дека станува збор за херојски чин. Три недели подоцна, канцеларијата на гувернерот соопшти дека ниту една болница не примила респиратори.

На прес-конференцијата на 23 март, Њусом рече дека тие се уреди што можат да спасат животи и дека пристигнале во Лос Анџелес и биле на пат кон болниците.

„Пред неколку дена ви реков дека до крајот на неделава ќе имаме 1.000 респиратори. Тие пристигнале во Лос Анџелес, а Илон Маск веќе работи со болничкото здружение за да ги сподели. Тоа е херојски чин “, рече гувернерот.

Кратко време по таа објава, Маск се јави на „Твитер“.

„Кина има големи резерви, така што минатиот петок купивме респиратори одобрени од ФДА и ги испративме во Лос Анџелес. Ако сакате да ги инсталираме, известете не “, напиша тој.

Но и покрај тоа, респираторите не стигнале до болниците.

„Илон Маск и неговиот тим и порачаа на државата дека купиле респиратори и дека сакаат да ги дистрибуираат директно во болниците. Администрацијата комуницира секојдневно со болниците низ целата држава за резервите на респиратори и досега ниту една болница не ни кажа дека добила респиратор директно од Маск или ’Тесла’ “, изјави портпаролот на канцеларијата на гувернерот за „Си-ен-ен“.

Треба да знаете
Последни објави