Заев: Потребно е продолжување на вонредната состојба за ефикасното да се справиме со кризата

За да продолжи ефикасното справување со кризата, потребна е одлука за вонредна состојба. Во ситуација кога Собранието е распуштено, Владата, преку механизмите што ги има на располагање и преку уредби со законска сила ќе може навремено и темелно да реагира, како досега, објави денеска на Фејсбук лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Ценам дека Владата покажа одговорно однесување во вонредната состојба носејќи мерки и уредби исклучиво во интерес на граѓаните и справување со состојбите. Токму вонредната состојба даде можност за спроведување на брзи и ефикасни мерки во насока на спречување на ширење на коронавирусот, заштита на здравјето и справување со економските последици, додава Заев во објавата.

Тој нагласува дека не треба да заборавиме дека „ова е борба за највредното, човечкиот живот” и дека справувањето со коронавирусот бара сериозна посветеност од институциите, но и од нас како поединци.

– Да продолжиме целосно да ги почитуваме мерките и задолженијата од надлежните институции и на тој начин секој од нас да придонесе за побрзо надминување на заканата што ја носи коронавирусот, наведува Заев во објавата на Фејсбук.

https://www.facebook.com/zaevzoran/posts/10158521032422932

Треба да знаете
Последни објави