Директорката на Клиничката болница во Битола, Билјана Гагачовска пред малку на прес конфереција соопшти дека пациентот кој беше примен прво на одделението за психијатрија, а потоа на интерното одделение, е префрлен на инфективното одделение, заради позитивниот тест на коронавирус, објави телевизија „Тера“.
Таа исто така кажа дека тој немал контакт со други пациенти, заради тоа што бил сместен сам в соба, односно во изолација и бил неподвижен, а медицинскиот кадар кој влегувал кај него, тоа го правел со цела заштитна опрема согласно протоколите. Лекарите и медицинските сестри кои контактирале со него се пратени во домашна изолација.
Сепак, случајот побуди револт кај дел од медицинскиот персонал. Еден од докторите од одделението алармираше за случајот на Фејсбук обвинувајќи дека и вработените и пациентите се изложени на ризик, објави „360Степени“.
„Почитуван колега и министер Венко, четири дена чекавме резултати за лежечки пациент на интерно одделение, за сега во овие доцни часови да разберам дека е позитивен на ковид-19? Нема да се помирам и да ја прифатам оваа лакрдија. Слободно казнувајте ме колку сакате, но неспособните да ги смените веднаш. Таков гнев и револт чувствувам што не се опишува. Не ме исполнуваат аплаузи и немам потреба да си го хранам егото, барав да се водиме според правилата и да се заштитиме во секој поглед. Цел месец укажував дека не сме на ниво и еве дојде до тоа од коешто се плашев. Потфрливме и за ова барам да се одговара, пишува на својот профил на Фејсбук д-р Боби Трајковски.
Пациентот кој се водеше во дневна болницата во Психијатриската болница во Демир Хисар, бил примен на Клиниката во Битола на 10 април заради влошување на неговата здравствена состојба, односно заради појава на невролептичен синдром. На влез во болницата му била мерена температура, а тој немал, потоа бил примен на одделението за психијатрија.
Директорката Гагачовска на прес конференција го повтори слоганот „Не шири паника“, реагирајќи на пишувањата и коментарите по социјалните мрежи каде што како што рече, се ширеа дезинформации и се создаваше паника меѓу вработените и граѓаните.
Според неа болницта располага со целосна заштитна опрема согласно протоколите и нивоата на изложеност.