Одлуката на Вашингтон да одбие дијалог со Москва на тема за прифаќање на заложбите да не се испраќа оружје во вселената, можеби укажува на тоа дека САД имаат различни планови, рече рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, коментирајќи ги тврдењата на САД дека Русија тестирала анти-сателитска ракета.
„Бидејќи САД ја отфрлаат оваа иницијатива, логично се доаѓа до заклучок дека Вашингтон сака да развие оружје за распоредување во вселената“, рече тој за агенцијата „Тасс“.
Според него, Русија има многу причини да биде загрижена во врска со вселенските активности на САД и нивните планови, вклучително и плановите за распоредување на ракетни одбранбени системи во вселената.
„Затоа Москва го повикува Вашингтон да не бара изговори за игнорирање на руските иницијативи, како и да не го заобиколуваат ветувањето дека нема да бидат првите што ќе испратат оружје во вселената“, истакна Рjабков.