Австралија го поддржа Трамп: Потребна е анализа на работата на СЗО

Австралиската министерка за надворешни работи, Марис Пејн, изјави денеска дека се согласува со ставот на американскиот претседател, Доналд Трамп, дека треба да се анализира работата на Светската здравствена организација (СЗО) поврзана со пандемијата на коронавирус, но додаде дека земјата ги поддржува активностите на СЗО во регионот на Пацификот.

Трамп му нареди на Вашингтон да го замрзне финансирањето на СЗО, наведувајќи дека агенцијата на Обединетите нации нема соодветни извештаи за раната фаза на ширењето на коронавирусот, поради што САД изгубиле многу време подготвувајќи одговор на пандемијата.

Пејн рече дека Австралија ја дели загриженоста на САД и дека некои активности на СЗО треба да бидат анализирани, објави АП.

„Австралија донесе неколку одлуки за коронавирусот пред СЗО, врз основа на нејзините здравствени совети. Ние го прогласивме коронавирусот за пандемија и ги затворивме границите за патниците од Кина многу рано, поради што СЗО нè критикуваше“, рече таа.

Австралија донираше 67 милиони долари на СЗО во текот на изминатите две години, што претставува 0,75 проценти од вкупниот буџет на агенцијата.

Треба да знаете
Последни објави