Владата на Сингапур објави дека уште 447 лица биле заразени со коронавирус во последните 24 часа.
Тоа е најголем број на новозаразени во еден ден откога трае пандемијата, а Сингапур е една од земјите со најдобра контрола на епидемијата досега. Инфицирани се околу 4.000 луѓе, а досега починале десетмина.
Повеќето од новозаразените се мигрантски работници кои живеат во многу тешки услови. Според „Њујорк тајмс“, по 20 живеат во мали соби и делат бањи и кујни. Скоро половина од вкупно заразените во Сингапур се евтино платени работници кои доаѓаат главно од Индија и Бангладеш.
„Морам да признам дека не бевме добро запознаени со условите во кои живеат тие работници. Тоа мора да се промени и ние ќе работиме на тоа затоа што сакаме да научиме нешто од секоја епидемија”, рече Тео Јик Јинг, експерт од националниот универзитет, а владата најави дека итно ќе го реши тој проблем.