За Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) не е прифатлив предлогот на Стопанската комора за зголемување на акцизата на екстра лесното гориво, бидејќи тоа ќе влијае на зголемувањето на производствените трошоци, а со тоа ќе се намали и конкурентноста на производите наменети за извоз.
– Екстра лесното гориво (ЕЛГ) е многу важен енергенс кај поголемиот број од преработувачките капацитети – голем дел од нив се лоцирани во рурални средини и не можат да користат алтернативно гориво, ниту пак во скоро време ќе бидат опфатени со гасификацијата, се вели во денешното соопштение.
Од МАП посочуваат дека ниската цена на горивата во моментот нема значење за индустријата бидејќи нивните главни преработувачки активности се во летните и есенските месеци кога, како што велат, цената на горивата ќе биде многу повисока.