До 65 проценти од хотелите во Грција се соочуваат со банкрот поради пандемијата на коронавирусот. Земјата се предвидува да изгуби милиони евра во туризмот, бидејќи летувалиштата во Грција и на нејзините острови ги затворија границите за посетителите, пишува британскиот весник „Сан“.
Повеќето хотели се принудени на затворање поради новите регулативи донесени од грчката влада.
Анкетата спроведена од Грчката хотелска комора покажа дека 65 проценти од хотелиерите рекле дека најверојатно ќе банкротираат, додека 18,3 проценти изјавиле дека најверојатно ќе дојдат до банкрот. Според извештаите на локалните медиуми, загубите на хотелите се проценуваат на 4,46 милијарди евра.
Иако постои надеж дека туристичката индустрија би можела да почне со работа од јули, многу компании и туроператори веќе се борат со проблемите. Претседателот на комората Александро Василикос објасни дека туристичкиот пазар ќе се отвора бавно и мачно, и дека многу нешта ќе се случуваат во меѓувреме.
Доколку хотелите се принудени да ги затворат своите врати, тоа е лоша вест за туристите, кои во иднина може да се соочат со поскапо патување во Грција.
Кога има помалку капацитети за сместување, тоа значи дека побарувачката расте за оние места што се отворени, а тоа значи и повисоки цени.
Експертите веќе предупредуваат дека авионските билети можат да бидат двојно поскапи по рестриктивните мерки на авиокомпаниите доколку авионите летаат полупразни.