Домашните миленици се зависни од луѓето, а сопствениците навремено треба на своите “мали пријатели” да им овозможат да ги задоволат потребите во време на пандемија, вели професорот Влатко Илиески од Факултетот за Ветеринарна медицина-Скопје.
Според него секојдневната рутина на домашниот миленик е прекината, членовите на семејството во текот на целиот ден се дома, тоа претставува нешто ново за миленикот. Кај одредени кучиња кои живеат во станови се појавува страв од казна од сопственикот доколку се принудени да уринираат и дефецираат во затворен простор, тераса или тоалет, или одбиваат, затоа што се научени тоа да го прават на зелени површини, во парк, некаде надвор.
„Препорачувам до сите сопственици дека треба како и до сега навремено да ги хранат, да ги шетаат, да играат со своите миленици, но доколку се во самоизолација да побараат помош од други лица, се со цел новонастанатата состојба да не предизвика стрес кај животните“, додава Илиески.
Според неговото стручно мислење, тој направи листа на 5 работи за кои сопствениците треба да ги имаат на ум и да ги практикуваат за своите миленици, а тоа се следните:
1. Обезбедување на доволно храна, лекови и други производи за нега. Да продолжат да ги хранат и да ги шетаат по претходно вообичаен распоред, како и постепено да им променат рута и сатница согласно препораките на надлежните.
2. Во затворен простор, сопствениците треба да иницираат игри за да се обезбеди адекватна физичка активност за милениците. На пример, миленичињата да “бркаат“ ласерски покажувачи, да бараат скриени предмети, како и да се направи куќиште за милениците во станот.
3. Сопствениците доколку се во замоизолација треба да обезбедаат друго лице кое ќе може да се грижи за домашниот миленик.
4, Да го ограничат контактот со домашниот миленик доколку сопствениците се со симптоми на Ковид-19, а не се во можност да обезбедат некој друг да се грижи за нивниот миленик. Да не го допираат но, ако мора, да се измијат рацете и пред и откако ќе го допрат миленикот.
5. Да го контактираат матичниот доктор по ветеринарна медицина и до го известат за новонастанатата ситуацијата доколку домашниот миленик има потреба од итен ветеринарно-медицински третман.