Европската федерација на новинари (ЕФЈ) оцени дека Србија вовела лоша пракса за одржување прес конференции за време на пандемијата на коронавирус, на кои не присуствуваат новинари, туку мораат однапред да испратат прашања.
„Ова не е прифатлива алтернатива за физичко присуство на конференции. Уште еднаш ги потсетуваме владите дека пандемијата не треба да се користи за ограничување на слободниот проток на информации”, се вели во соопштението на ЕФЈ.
Според српското здружение на новинари, ЕФЈ ги повика земјите каде на новинарите не им е дозволено да поставуваат прашања во живо на конференции поради коронавирусот, да ги организираат на различен начин, како што се видео конференции во живо.
„Иако новинарите не треба да бидат во сали за конференции со голем број луѓе, важно е да не се ограничи слободата на печатот и можноста на новинарите да поставуваат прашања”, велат од федерацијата.
ЕФЈ го извести Здружението на новинари на Србија дека случајот на Србија, со однапред поставени прашања преку меил, е ставен на сајтот на мапата за медиумски слободи на земјите членки на ЕУ, и кандидатките за членство.
Во меѓувреме, српскиот весник „Данас” соопшти дека во знак на солидарност со колегите од новинакста агенција ФоНет, одлучи на членовите на стручниот кризен штаб за борба против коронавирусот, а кои секојдневно се обраќаат на јавноста без присуство на медиуми, веќе да не им испраќа прашања поврзани со епидемијата. ФоНет во средата одлучи дека само посредно да известува за прес конференциите, бидејќи не им се одговара на сите прашања.
„Со должна почит за членовите на стручниот тим, интересот на јавноста не може да биде задоволен само со соопштување на податоци и често недоволни, нејасни, нецелосни, па и противречни одговори на прашањата поставени по електронска пошта”, посочи Фонет.