ОЈО Струга со казни за уште петмина, меѓу нив и скопјанец кому не му се седело во карантинот во собата во „Изгрев“

Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за кривично дело- непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Четворица од обвинетите не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Во одделни кривично правни настани полициски службеници констатирале дека тие го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола се движеле на различни локации во и околу Струга.

Петтиот обвинет, пак, 20-годишен скопјанец, се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга. Но, на 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата.

Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.​

Треба да знаете
Последни објави