Сметам дека владата за 24 или 48 часа, ќе треба да реши дали целосно или делови од елементите на моделот затворање на Дебар да ги примени и на Куманово, за да се спречи ширењето на вирусот, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски по седницата на Советот за безбедност.
Според него, ситуацијата во Куманово е лоша, трендовите се негативни. Таму има приличен број на заразени и здравствени работници.
Тој додаде дека ситуацијат во Куманово се усложнува и дека таму ќе треба посебен фокус и внимание и можеби да се примени успешниот модел од Дебар и Центар Жупа, со оглед дека се работи за општина со над 120.000 жители и со самото тоа претставува огромен потенцијал за ширење на вирусот. Пендаровски рече дека негативни се трендовите и во Прилеп.
Меѓу денешните нови 43 случаи на ковид-19 во Куманово, е и градоначалникот Максим Димитриевски, со кој вчера имаа средби техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми. По веста од Димитриевски дека е позитивен на ковид-19, премиерот и министрите се испратени во самоизолација. Освен Димитриевски, заболени се и девет члена на кризниот штаб.