Поранешниот шеф на МИ6: Британија мора да ги спречи кинеските фирми да купуваат западни технологии

Поранешниот шеф на МИ6, Џон Сојерс, смета дека Западот треба да го бара секој можен механизам за да ја спречи Кина да купува стратешки технолошки и придружни фирми, вклучувајќи компании како што е британскиот дизајнер на полуспроводливи чипови „Имеџинејшн технолоџис“, пренесува „Спутник“.

Во 2017 година „Имеџинејшн технолоџис“ беше купена од Кенјон Бриџ, компанија за приватен капитал поддржана од „Чајна реформ холдингс“, инвестициска фирма со директни врски со кинеската влада.

Постојат предлози компанијата да биде преместена во Кина, што предизвика загриженост кај сегашниот и поранешниот персонал на највисоко ниво, вклучувајќи го и основачот Хосеин Јасаи. Оваа можност предизвика парламентарна истрага, по што на сослушување беше повикан претседателот на компанијата.

Сојерс, кој беше шеф на тајната разузнавачка служба на Велика Британија, или МИ6, од 2009 до 2014 година, тврди дека Кина агресивно се обидува да ги прошири своето глобално влијание и моќ.

„Не мислам дека тоа е егзистенцијална закана како што беше СССР во Студената војна, но сепак ќе има длабоко ривалство за контрола над технологијата. Треба уште многу да сториме на Запад за да се осигураме дека сме независни од Кина. Треба да сториме повеќе за да ја заштитиме западната технологија од купување од кинеските компании и мислам дека напорите што се прават за да се осигура дека ‘Имеџинејшн технолоџис’ нема да се повлече од Велика Британија и да биде купена од Кина се вистински чекор “, изјави тој за „Скај“.

Јасаи, кој ја водеше компанијата од 1998 до 2016 година, изјави дека иако намерно се воздржал од јавни коментари за компанијата по повлекувањето, неодамнешните настани се толку важни за компанијата, нејзините луѓе и за Британија што сметал дека треба да истапи и да каже неколку клучни поенти пред високите владини министри.

„„Имеџинејшн технолоџис“ им обезбедува критична и чувствителна технологија на многу клучни клиенти во светот, кои со право бараат и очекуваат соодветна независност, безбедност на снабдувањето и доверба во организацијата“, објасни тој.

Во писмото од Оливер Дауден, државен секретар за Одделот за дигитал, култура, медиуми и спорт, упатено до конзервативниот пратеник Дејвид Дејвис, се вели дека владата носи закони што ќе им дадат на министрите натамошни овластувања да вршат преглед на странските трансакции преку Законот за национална безбедност и инвестиции.

Законот беше претставен во говорот на кралицата во декември 2019 година и ќе ѝ овозможи на владата да ги проценува трансакциите и инвестициите од странски субјекти што може да претставуваат ризик за национална безбедност.

Ова е втора антикинеска интервенција на поранешниот началник на МИ6 за два дена – на 15 април тој го обвини Пекинг за избегнување на одговорноста за пандемијата на Ковид-19 и за прикривање на кризата од Западот.

Треба да знаете
Последни објави