На инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар на Косово денеска, како последица на заразата од новиот коронавирус, почина 73-годишна жена од Пеќ, која е десеттата жртва на епидемијата на Ковид-19 во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на приштинската болница се наведува дека жената е примена на лекување на 25 март и починала претпладнево. Како и претходните девет, и последната жртва страдала и од други пропратни болести.
Во текот на вчерашниот ден во Косово се потврдени нови 36 случаи кои, од извршените лабораториски испитувања, резултираа позитивни на Ковид-19, со што официјалната бројка на заразени со новиот вирус во земјата достигна до 423.
Вчера се евидентирани и нови пет случаи на излекувани од новиот коронавирус, согласно методите пропишани од Светката здравствена организација, со што бројката на лица кои ја пребродиле заразата се искачи на 71.