– Во пресрет на Велигденските празници да покажеме одговорност, да останеме дома, да не се собираме, групираме и строго да ги почитуваме заштитните мерки, посебно физичката дистанца од два метра, за да го спречиме ширењето на коронавирусот, апелираа вчера премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче.
Во однос на епидемијата чиј пик допрва не очекува, мора да се однесуваме сериозно. Импровизации, порачаа, не смее да има.
-Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигденот, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот, рече Спасовски во видео-обраќањето.
За ја задржиме постоечката контрола врз ширењето на коронавирусот и за да дојдеме до моментот кога бројот на излечени ќе станува поголем од бројот на новозаболени, мора, како што нагласи, секој од нас да даде придонес.
-Потребен е сериозен и одговорен однос од секој од нас. Само така ќе успееме. Нема простор за импровизации, ниту за пропусти. Физичката дистанца од два метра сите да ја разбереме како правило. Не е тешко. Отстапете два чекори од лицето до вас или побарајте другите да го направат тоа. Нема лутење, за здравјето се работи. За животот ваш, наш, мој, твој, за животот за сите граѓани се работи. Мерките важат за сите. Ама за сите. Не смее и нема да има привилегирани. Нема да отстапиме ни педа. Забраната за движење е забрана за сите. Забраната за групирање е забрана за сите, потенцира премиерот.
И министерот Филипче е децидно против какви било собирања за Велигден.
– Категорично останувам на ставот дека не смее да има какво било групирање на граѓаните за време на Велигденските празници и дека тие доследно треба да се придржуваат до препораките за заштита од коронавирусот. Влегуваме во најкритичната фаза од епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но не смееме да дозволиме овој број дополнително да го оптовариме и да дадеме шанса понатаму, за две недели од сега, заради групирања да се јават нови пациенти, истакна Филипче на синоќешната прва онлјан прес-конференција што ја одржа на јутјуб каналот.
Напомена и дека собирања од каков било тип се огромен ризик.
-Оваа форма на групирања воопшто не ја одобрувам. Апелирам до граѓаните ова да го сфатат многу сериозно, да го прослават празникот соодветно на состојбата и да се придржуваат до препораките, подвлече министерот за здравство.
Спасовски и Филипче од вчера се во самозиолација по препорака на епидемиолозите. Двајцата беа на состанокот на Општинскиот кризен штаб во Куманово на кој присуствуваше и градоначалникот на Максим Димитриевски кој е позитивен на Ковид-19.