Мицкоски: До поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, до Синодот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија и до сите православни христијански верници

Велигден е денот на радоста и на животот.

 

Вербата во Христовото воскресение е верба во животот и обновувањето.

 

Велигденскиот празник е повеќе од вредно да го поминуваме со нашите семејства, со ближните, и да го честуваме благословот на животот.

 

За да бидеме достојни како луѓе на коишто Бог им го покажа патот за спасение, и во вакви мигови каде нашиот народ се бори со смртоносниот вирус треба да бидеме достојни, мудри и храброста да ја црпиме од борбата на Христа со која тој ја победи смртта.

 

Овие празнични денови посакувам мир и благостојба на сите, во сите семејства да биде духот на вербата, за да можеме спокојно да ги победиме тагата, несреќата, сиромаштијата.

 

Моите мисли во овие празнични денови одат со оние кои во овие мигови ги загубија своите најблиски, како и оние кои секојдневно се соочуваат со предизвикот од овој смртоносен вирус и нив им посакувам сила, закрепнување и здравје. Моите мисли се и со луѓето кои неуморно се во првата линија во борбата против короната, здравствените работници кои даваат надчовечки напори за победа над заразата.

 

Да помислиме и за помалку среќните, на оние кои што останаа без своите работни места во овие тешки мигови за нашата земја, но и на сиромашните и на гладните. Посакувам работите да се подобрат, да се променат, нешто за што заедно ќе се избориме.Да истраеме во оваа борба, како што Исус ги победи сите тешкотии на крстот, тоа да ни биде мотив и да не води низ предизвикот да бидеме подобри како луѓе, во однесувањето спрема другите и кон самите себе.

 

Обновувањето ќе дојде и за него заедно ќе се избориме, и искрено го посакувам тоа за целиот наш народ, да биде среќен и радослив, да продолжи да твори и живее среќно во сопствената татковина Македонија.

 

Велигден е надеж за подобрите денови коишто ќе дојдат, да се соочиме со предизвиците со верба за подобро утро за сите нас.

 

Со радост да го славиме победоносното воскресение, посакувајќи здравје, успеси и среќа.

 

Бог да е со нас.

Христос воскресе!

Навистина воскресе!

 

Треба да знаете
Последни објави