Припадници на Армијата од денеска и во Тетово започнаа да соработуваат со полициските службеници во одржувањето ред за влез во објектите кои функционираат – банките, телекомуникациските компании и маркетите при што вообичаено се собираат повеќе луѓе. До оваа соработка дојде откако Општината побара од државните институции да помогнат во одржување ред пред објектите, а за тоа градоначалничката Теута Арифи разговараше и со претседателот Стево Пендаровски кој беше во посета на Тетово во вторникот.
Во однос на соработка со Армија на состаноците на Кризниот штаб имаме и членови од касарната, на состанокот со претседателот Пендаровски се договоривме Армијата да биде испомош за одржување на редот во текот на забрана на движење и во ситуација кога има собирање на повеќе луѓе кога е пред банките, изјави Теута Арифи.
Од полицијата во изминатиот период нема евидентирано нарушувања на јавен ред и мир пред објектите на банките, телекомуникациските компании и маркетите. И понатаму се бележат само поединци кои го прекршуваат полицискиот час и се движат за време на термините за ограничено движење. Во изминатите 24 часа во Тетовско се евидентирани три лица кои ја прекршиле мерката по што се лишени од слобода.