– Не ги слушајте оние кои не се согласуваат и кои вербата во Бог ја идентификуваат со опцијата на смрт, слушнете ги мудрите гласови на Вселенскиот Патријарх и на Поглаварот на Кипарската црква. – Денес не е во опасност вербата, туку верниците, рече претседателот на Кипар Никос Анастасиадис во неговото обраќање до јавноста по повод Велигден, истакнувајќи дека освен пораката на надеж, почит и љубов, сака да ја пренесе и „потребата да не се дозволи чувствата да ја надвладеат логиката”, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој истакна дека јасно му е „колку е болно од Христијаните да бараш да се откажат од нивните религиозни навики”, но „секогаш по Голготата следи Воскресение” и упати повик до сите строго да се придржуваат до превентивните мерки и да избегнат секакво непотребно движење.
Поради пандемијата и строгите рестриктивни мерки, велигденските литургии во црквите на Кипар ќе бидат зад затворени врати, а верниците ќе можат да ги следат од дома, преку преносите во живо на кипарските телевизии.
-Во последните денови се зголемува надежта, но не го сигнализира крајот. За жал, постои растојание што треба да го поминеме со иста претпазливост. За време на вчерашниот состанок на владиниот совет и секогаш земајќи ги предвид советите на научната група, донесовме одлука за стратегијата за постепено олабавување на мерките. Сакам да бидам прецизен и јасен. Она што го одлучивме е стратегијата, а не датумот за спроведување на одлуката, рече Анастасиадис.
Тој објасни дека имплементацијата на владината одлука ќе зависи од намалувањето на бројот на новите случаи, како и од почитувањето на рестриктивните мерки.
Кипарскиот претседател на граѓаните им порача дека „она што сега се чини дека е под контрола, може многу лесно, ако се игнорира опасноста, следниот ден да стане неконтролирано”.
Според официјалните податоци од Министерството за здравство на Кипар, заклучно со вчера, регистрирани се вкупно 735 случаи на Ковид-19, од кои 20 се во изминатите 24 часа.
Во однос на жртвите, на Кипар се спроведува процес на кодирање на вистинската причина за смртта со помош на софтверскиот систем за лицата заразени со коронавирусот, за да се разграничи дали Ковид-19 е главната причина или пак претходните здравствени проблеми.
Досега, починале 17 лица кои биле позитивни на коронавирусот, но кај 12 лица, Ковид-19 била причината за смртта.