За време на свечените богослужби во текот на вчерашниот ден на Велики петок, како во претпладневните часови, така и во вечерните, кога се изнесува плаштеницата, во повеќе делови на Грција, беа регистрирани прекршувања на превентивните мерки, како и забраната за посета на црквите кои литургиите ги извршуваат зад затворени врати, јави дописничката на МИА од Атина.
Синоќа, полицијата уапси 13 лица, кои ги прекршиле превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, бидејќи биле дел од група од околу 70 лица што се собрале пред црква „Свети Никола” во атинската населба Коридалос и барале да биде изнесена плаштеницата.
Веројатно е дека станува збор за членови и симпатизери на Златна зора, а поранешниот пратеник од партијата Илиас Панајотарос на неговиот „Твитер” профил објави видео од тензиите меѓу насобраната група и полицијата, со коментар „државата ги нападна оние кои отидоа во Свети Никола”.
Во цркви во грчките градови Атина, Солун, Ламиа, Козани, Игуменица и Волос во текот на вчерашниот ден, верници се насобраа во дворовите и чекаа да запалат свеќа или да се причестат, а во неколку случаи, свештените лица, и покрај забраните, ги отворија вратите на храмовите.
Дописничката на МИА од Атина, посети неколку цркви во различни населби во грчката престолнина. Дел од нив беа целосно затворени и немаше литургија, во други пак свечената богослужба и изнесувањето на плаштеницата се одржаа зад затворени врати.
При крајот на богослужбата, пред една од црквите, имаше насобрано околу 10-15 верници, кои иако ја прекршија забраната за движење, сепак го држеа потребното растојание меѓу нив и чекаа, во надеж дека ќе може да се причестат.
По завршувањето на свечената литургија, попот излезе, само ги поздрави верниците, им го честиташе празникот и повторно се врати во црквата, по што граѓаните си заминаа.
Во обид да се спречи и вечерва собир на верници во дворовите на Соборните храмови во Грција, според најавите, меѓу поригорозните мерки на полицијата, предвидено е и патролирање пред црквите.