Втор ден од 85 часовниот велигденски карантин, вкупно заразени 1.117

Граѓаните го минуваат вториот ден од 85 часовниот велигденски карантин, како една од рестриктивните мерки против ширењето на корона вирусот, додека бројот на заразени во државата достигна 1.117, од кои излечени се 139 лица.

Државата, според надлежните, влегува во најкритичната фаза од епидемијата каде бројот на новодијагностицирани очекувано расте, но не смее да се дозволи здравствениот систем дополнително да се оптовари и да се даде шанса понатаму, за две недели од сега, заради групирања да се јават нови пациенти.

Забраната и посебниот режим на движење на територијата на Република Северна Македонија ќе трае до 21 април 2020 година (вторник) до 05:00 часот, а Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите околу верските храмови за време на претстојниот празник.

Според местото на живеење, досега од Ковид-19 се регистрирани случаи во:  Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп –103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола –16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, и по два во Пробиштип, Кичево и Неготино.

Од вчера во 16:00 часот до 05:00 часот во вторник 21 април е забрането движење и групирање во сите паркови, излетнички места, места за рекреација во националните паркови и шуми, како и викенд населбите.

За лицата над 67-годишна возраст останува активна забраната во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 10:00 до 12:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други граѓани има целосна забрана.

За сите лица до 18 години останува активна забраната за движење во текот на сите работни денови, од понеделник до петок, освен во периодот од 13:00 до 15:00 часот. Во понеделник, 20 април, за овие и за сите други лица има целосна забрана.

За земјоделските активности, дозволено е движење во рамки на територијата (атарот) на селата, исклучиво за работните потреби.

Аптеките ќе работат непречено, а Министерството за здравство изработи план за непречена работа и на здравствените установи.

Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.

Изземени од забраната се и сите лица со попреченост со придружници. За да го остварат ова право, за овие лица нема да се издаваат посебни дозволи и доволно ќе биде со себе да имаат медицинска белешка која ќе треба да им се презентира на полициските службеници доколку за тоа се укаже потреба.

Досега од Ковид-19 во нашата држава животот го загубија 49 лица.

На Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 54.  Од нив 18 пациенти се на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември” хоспитализирани се 37 пациенти, од кои 10 со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени вкупно седум пациенти.

Во болницата во Битола се лекуваат осум ковид позитивни пациенти, од кои три лица се повремено на кислородна поддршка, останатите се стабилни. На домашно лекување се следат 13 пациенти.

Во штипската болница се хоспитализирани осум, а на домашно лекување се следат уште 19 пациенти, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Треба да знаете
Последни објави