Од центрите за прием и регистрација на островите Самос, Хиос и Лезбос, 50 деца бегалци без придружба на возраст од пет до 16 години, утрово од Грција заминаа за Германија, во рамките на европската програма за релокација, јави дописничката на МИА од Атина.
На атинскиот аеродром, од каде што со специјален лет децата заминаа за Хановер, беа испратени од грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, алтернативниот министер за миграција и азил на Грција, Јоргос Кумуцакос, германскиот амбасадор во Атина, Ернест Рајхел, како и претставничката од грчката Влада за заштита на децата бегалци без придружба, Ирини Агапидаки.
Кусо пред да влезат во авионот, децата добија подароци од Мицотакис, кој им посака среќен пат и рече дека е „многу трогателен ден бидејќи 50 бегалчиња без придружба заминуваат од Грција за да најдат нов дом во Германија”.
-Сакам да ѝ се заблагодарам на германската Влада што на овој начин испраќа суштинска порака на солидарност. Порака на солидарност што, особено во овие тешки времиња што ги поминува човештвото, верувам дека сè повеќе ќе се чуе, рече Мицотакис и додаде дека грчката Влада повеќе месеци работи и остатокот од европските земји да станат почувствителни за поддршката за Грција, за што повеќе деца бегалци без придружба „да можат да најдат нови семејства и да направат нов почеток во нивните животи”.
Германскиот амбасадор во Атина рече дека ова е само почеток, бидејќи Германија во блиска иднина планира да преземе меѓу 350 до 500 деца бегалци без придружба, што претставува „важен хуман гест, што во време на коронавирусот е од големо значење”.
-Ситуацијата што преовладува во прашањата со азил на островите во источниот дел на Егејското море, но и во цела Грција, бара европска солидарност и праведна распределба на товарот во ЕУ. Не станува збор само за децата без придружба. Се согласуваме со Грција за ова и сакаме да помогнеме на било кој начин. Досега тоа го сторивме на различни начини, како и ЕУ. Затоа посакуваме сите држави од ЕУ да примат деца без придружба, рече Рајхел.
Алтернативниот министер за миграција и азил на Грција Јоргос Кумуцакос истакна дека денешниот ден е „ден на надеж и солидарност”.
Ова е втора група деца бегалци без придружба кои од Грција заминуваат за европски земји, откако во четвртокот 12 деца беа префрлени во Луксембург.
Грчката влада, со помош на Европската комисија и со поддршка од еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон започна иницијатива за релокација на 1.600 деца бегалци без придружба. Во целиот процес и имплементација на европскиот план помагаат и УНХЦР, Меѓународната организација за миграција како и Европската служба за поддршка на азил.