Со цел побрзо и полесно пребродување на здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, Владата презема ефикасни, функционални и навремени мерки, коишто значат поддршка за работниците, за компаниите, за секој човек, се вели во соопштението на владејачката СДСМ.
Покрај мерката за обезбедување на нето плата, односно финаниска помош од 14.500 денари за секој вработен за месеците април и мај, на работодавачите како алтернатива им се нуди да ја изберат и поддршката за субвенционирање на 50 отсто од придонесите за месеците април, мај и јуни.
Еден од условите за користење на оваа мерка е на компаниите кои сакаат да аплицираат приходите да им бидат намалени за најмалку 30% споредбено со просекот за 2019 година, бројот на вработени за месеците април, мај и јуни 2020 година да не биде помал од бројот на вработени со состојба на 31.03.2020 година, како и да не исплатува дивиденди и бонуси од денот на објавување на Уредбата до денот на поднесување на годишна сметка за 2020 година.
Мерките подеднакво важат и за занаетчиите. Лице кое врши занаетчиска дејност и е барател на финансиска поддршка треба да поднесе Барање за финансиска поддршка за исплата на финансиски средства до Управата за јавни приходи.
Граѓаните кои се материјално необезбедени, невработени, за користење на мерката со која се предвидува 7000 денари, потребно е во месно надлежниот Центар за социјална заштита да поднесат Барање за право за добивање на гарантирана минимална помош, како и за друго право доколку им следува согласно Законот за социјална заштита и Законот за заштита на децата.
Апелираме и охрабруваме да се искористат владините мерки кои помагаат на сите работодавачи, работници и граѓани погодени од коронавирусот. Само заеднички и со доверба ќе ја пребордиме оваа глобална криза.