Кризата во светот предизвикана од пандемијата на коронавирусот ја покажа нефункционалноста на меѓународните и регионалните организации, како ОН и ЕУ, изјави српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, Дачиќ за ТВ Пинк кажа дека Советот за безбедност на ОН се има состанато само еднаш од почеток на пандемијата, на 9 април, и тоа без успех, бидејќи не е составена ниту претседателска изјава, а да не се говори за резолуцијата.
-Ако не можете да составите соопштение за борба против Ковид-19 во вакви услови на пандемија, кога толку многу луѓе се заразени и починати, тогаш каква улога може да очекувате од таа организација во решавањето на тој проблем. Исто е и со другите организации, кажа Дачиќ.
Како што оцени една од последиците од пандемијата ќе биде преиспитување на улогата на меѓународните и регионалните организации, како што е ОН, нејзините специјализирани организации, како што е СЗО, но и на ЕУ и другите регионални организации.
Тој оцени дека пандемијата ќе го забрза приближувањето на Кина да стане светски економски лидер и дека тоа би можело да доведе до уште поотворено и директно соочување меѓу Кина и САД.
-Процесот ќе го зголеми притисокот врз другите земји да се позиционираат и да се одредат според таа борба на САД и Кина на економско поле и пошироко, кажа Дачиќ, потсетувајќи дека кризата може да се спречи само со вакцинација и дека вакцината сè уште не е пронајдена.