Од вкупно 1.117 регистрирани случаи на заболени со Ковид-19 во нашата држава, 71,8 проценти се во три града. Скопје (n=388), Куманово (n=311) и Прилеп (n=103), покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Според место на постојано живеење/повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 21 град низ државата.
Најмногу заразени на 100.000 жители се регистрирани во Куманово со 218 заболени, во Дебар 183,8 и во Прилеп 108,1 на 100.000 жители.
Заболените се на возраст од 0 до 91 години. Најголем број – 233 заболени се на возраст од 50-59 години или 20,9 проценти.
Од пријавените случаи за кои се добиени податоци, 20,7 проценти се или биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле или се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Најчести симптоми кај заболените се температура (64,3%), кашлица (54,1%), малаксаност (32,3%), треска (18,5%), главоболка (17,5%), болка во грло (15,7%) и отежнато дишење (14,1%).
Кај 33,8 проценти од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.
Регистрирани се 194 случаи на заболување меѓу здравствени работници, покажуваат податоците на ИЈЗ.
Според исходот од заболувањето, кај 929 лица се активни случаи, 139 случаи се водат како оздравени (13 од нив се здравствени работници), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување.
Регистрирани се 49 смртни случаи. Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години – 34 случаи каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 8,9/100.000 жители. Од починатите, кај 36 лица или 73,5 птоценти се регистрирани коморбидитети.
Од 15.02.2020 до 16.04.2020 тестирани се вкупно 10.859 материјали. Со ова во нашата држава се направени 5.247 теста на 1.000.000 жители.
Според категоризацијата на ризикот од СЗО, се проценува дека ризикот за понатамошно ширење на COVID-19 во Република Северна Македонија е многу висок.