Србија досега има евидентирано 5.994 заразени лица со новиот коронавирус, од кои 117 починати и 637 излекувани лица, јави дописникот на МИА од Белград.
Во изминативе 24 часа регистрирани се седум нови смртни случаи, четворица мажи и три жени, со што вкупниот број на починати се искачи на 117 лица, (80 мажи и 37 жени) со смртност во однос на заразените од 1,95 отсто, изјави на владината прес конференција покраинскиот секретар за здравство Зоран Гојковиќ.
Во изминатите 24 часа, тестирани се 3.462 лица, од кои 304 лица биле позитивни на вирусот. Споредувајќи ја денешната бројка со таа од вчера кога беа евидентирани 372 заразени или од претходните три дена кога таа бројка изнесуваше над 400 лица, може да се констатира дека дневната бројка на заразени почнува да се намалува.
Вкупниот број тестирани лица заклучно со денеска во Србија изнесува 36.028 лица, а досега се излечени 637 пациенти според резултатите на направени два негативни теста.
Во Ковид болниците вкупно се хоспитализирани 3853 пациенти, од кои 126 лица се со влошена клиничка слика и ставени се на респиратор, кажа Гојковиќ.
Од 6795 тестирани здравствени работници, во Србија со вирусот заразени се 642 лица.
Во карантин за полесните случаи на епидемијата, на Белградскиот саем сместени се 419 лица, во Ниш во спортскатa сала Чаир и хотелот Ценротурист има 276 лица, а во Студенскиот дом 224 лица, на Новосадскиот саем има 192 пациенти, додека останатите пациенти со лесна клиничка слика сместени се во бањите и хотелите во Србија.
Сублимирајќи ги денешните податоци од епидемијата, епидемиологот Предраг Кон оцени дека ситуацијата се подобрува, но не исто во цела Србија, поради што се размислува за постепено, а не за целосно попуштање на вонредните мерки.
-Врз база на досегашните резултати и на зголеминиот број на тестирани од околу 3000 лица дневно, може да констатираме дека во Србија се подобрува ситуацијата, но не е насекаде исто, бидејќи во Ниш, Алексинац, Прокупље имаме се уште голем процент на заразени, а во Белград и во Војводина тој процент се намалува, па така почнуваме да размислуваме за попуштање на вонредните мерки кои треба да одат постапно, изјави Кон.
Како една од мерките за постепеното ублажување на вонредната состојба, како што кажа Кон, е дозволата на постарите од 65 години три пати во неделата, во вторник, петок и недела да можат да прошетаат 300 метри од домовите, во кое било време на полицијскиот час.
Друга мерка, која ја најави Дарија Кисиќ е враќање на новинарите на прес конференциите на владиниот кризен штаб, кои досега прашањата ги поставуваа преку електронска пошта.
Од вчера во 17 часот во Србија, во тек е 84-часовен полициски час, кој ќе трае до вторник во 5 часот.