Меѓународните воени сили предводени од НАТО во Косово, КФОР, објавија денеска дека неколкумина нивни припадници резултирале со позитивни наоди на тестирањето за новиот коронавирус и воедно ги потврдија информациите дека двајца нивни вработени, локални цивили, починале од заразата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според косовските медиуми, починатите од Ковид-19 кои работеле за КФОР се жители на Урошевац и биле вработени во кампот Бондстил, кој се наоѓа во близина на тој град.
Во свето денешно соопштение за јавноста, КФОР наведува дека е посветен на спречувањето на ширењето на епидемијата на Ковид-19, при што секој нивни припадник кој покажува знаци на заболеност или бил во контакт со некој кај кого е потврдена заразата, се става во карантин.
– Доколку војници на КФОР се заразат, тие се третираат во здравствените простории на базите на КФОР и се стваат во карантин за да се намали изложеноста, пред да бидат евакуирани, се вели во соопштението потпишано од командантот на меѓународната мисија, генерал-мајорот Микеле Риси.
КФОР воедно информира дека ја продолжува редовно својата мисија со мандат од Обединетите нации, „со цел да обезбеди мирен и безбеден амбиент, како и слободно движење на припадниците на сите заедници во Косово, преземајќи ги сите потребни мерки за заштита на своите војници, партнерите и населението на Косово”.
Мониторирањето и оценувањето на ситуацијата со епидемијата, се вели во соопштението, се врши во тесна координација со косовските институции и посебно со Министерството за здравство, како и со безбедносните организации и меѓународната заедница.
– Капацитетите на КФОР во вршењето на операциите за придонесување на безбедноста на сите заедници во Косово не се ослабени. Ние остануваме апсолутно посветени да ја заштитиме нашата превентивна и одбранбена сила, а помагаме и во ограничувањето на ширењето на вирусот. Нашите сили остануваат спремни и нашата суштинска работа продолжува, под мандатот добиен од Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации од 1999 година, се вели во изјавата на командантот на КФОР, генералот Риси.