-Нормално гласање, без закана од ширење на заразата, може да има само откако ќе се открие вакцина, што може да одземе и две години, рече тој.
Се уште останува нејасно дали ќе има избори во земјата. Некои членови на владеачката партија на Правото и правдата сакаат измена на Уставот што ќе му го продолжи мандатот на актуелниот претседател Анджеј Дуда за уште две години. Други, пак, го поддржуваат гласањето по пошта, додека опозицијата повикува на прогласување вонредна состојба, забележуваат британските медиуми.
-Единствената форма што јас како министер за здравство и од медицинска гледна точка можам да ја препорачам е гласање по пошта, затоа што контактот меѓу луѓето се сведува на минимум, рече Шумовски пред новинарите.
Таков голем настан, каков што се претседателските избори, може да се закаже безбедно само за време кога ќе има вакцина, што значи по година и половина – две, објасни министерот и дополни дека за гласањето по пошта нема соодветни или несоодветни датуми.
Според вчерашните податоци во Полска, која има население од 38 милиони лица, има 8.379 лица заразени со коронавирус и досега 332 умрени.
Претседателските избори се клучни за надежта на националистичката партија на Правото и правдата (ПиС) да ја спроведе својата програма, бидејќи претседателот има право на вето врз законите.
Актуелниот претседател Анджеј Дуда е сојузник на ПиС. Тој вчера изјави дека не би се противел на уставната измена за продолжување на неговиот мандат доколку е тоа волјата на парламентот.
Промената на Уставот бара двотретинско мнозинство поради што неопходна е и поддршка од опозицијата. Опозициските политичари соопштија дека може и изборите да се одложат и да не се прават уставни измени.
Претседателот на Сенатот, Горниот дом на парламентот, контролиран од опозицијата, Томаш Гродски, кој по професија е хирург, го критикуваше советот на министерот за здравство.
“Длабоко сум разочаран што професор по медицина, како министерот Лукаш Шумовски, ги стави краткорочните политички интереси пред Хипократовата заклетва”, напиша тој на Твитер.
И Европскиот парламент вчера ја предупреди Полска дека доколку продолжи да ги планира изборите, ќе ги прекрши европските вредности.