Четириесет и четири припадници на екстремистичката група Боко Харам починале во затвор во Чад, најверојатно откако биле отруени со непозната супстанца, соопшти денеска чадскиот јавен обвинител. Би-Би-Си јавува дека отруените припадници на Боко Харам биле дел од групата од 58 уапсени мажи за време на неодамнешната армиска операција против оваа исламистичка група во близина на езерото Чад.
Британскиот сервис наведува дека истрагата е почната откако четири аутопсии покажале дека смртта кај затворениците е предизвикана од некаква смртоносна супстанца. Оттаму се додава дека првично биле затруени 45 лица, но едно од нив во меѓувреме заздравело и е вратено во затвор.
Во вооружени напади во северозападниот дел на Нигерија, пак, загинале 47 лица, соопшти началникот на полицијата во градот Кацина, Гамбо Исах, додавајќи дека вооружени лица извршиле напади во градовите Дутсинма, Данмус и Сафана, јави агенцијата Анадолија.
Тој додаде дека нападите се изведени најверојатно заради одмазда, а во нив се повредени и голем број лица, кои се пренесени во болница. Шефот на полицијата соопшти дека добро вооружени полициски сили почнале копнена и воздушна операција во областа против напаѓачите.
Инаку, во овој дел од земјата, често пати заради пасишта, доаѓа до конфликти меѓу локалните селани и овчарите кои доаѓаат од други делови на Нигерија, особено меѓу овчарите од заедница Фулани и племињата кои живеат од земјоделие.
Членовите на заедницата Фулани тврдат дека земјоделците се обидуваат да го украда нивниот добиток и често пати и ги напаѓаат.