Трендот на намалување на новозаболени лица со Ковид-19 регистриран во последните два дена е резултат на намалениот број на тестирања за време на празниците, а врвот на болеста допрва нè очекува, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
-Знаевме дека ќе се намали бројот на тестови за време на празниците, тоа беше очекувано. Минатата недела имаше една друга варијација, имаше исклучително голем број позитивни тестови, што епидемиолозите сметаат дека е само варијација. Исто така сметаме и сега, дека сè уште не сме влезени во период кога пикот е поминат и не може да очекуваме бројот на случаи во текот на повеќе денови да се намалува. Тогаш, причина за поголем број позитивни случаи беше пристапот кон веќе идентификувани лица во самоизолација кои развија симптоми. Исто така, сметаме дека сега е можно оваа варијација да е резултат на помалиот број тестови за време на празниците, порача Филипче.
Филипче повтори дека според прогнозите врвот на епидемијата ќе дојде на крајот на месецов или на почетокот на мај.