Како лицата заболени од малигни болести да се заштитат од КОВИД 19

Во моменталната ситуација, со брзото ширење на КОВИД 19, пациентите со малигни заболувања се посебно засегнати и влегуваат во најризичната група. Имаат потреба од  посебна грижа за да се заштитат од овој респираторен вирус.

Овие пациенти, особено доколку примаат хемотерапија, спаѓаат во групата ранливи граѓани, во периодот додека трае борбата со корона вирусот, затоа што хемотерапијата го намалува бројот на леукоцитите и кај нив имунитетот е малку ослабен. Поради примањето потешки терапии нивното здравје е повеќе изложено на настинки и грипови. Повеќе се засегнати пациентите со хематолошки заболувања како леукемија, плазмоцитом и слично. Иако примањето хемотерапија привремено го намалува имунитетот, тоа не е во таа мера да биде толку ризично за да не може да се прима редовната терапија. Токму напротив, успехот на терапијата кај малигни заболувања, било да е зрачна, биолошка или хемотерапија,  зависи од навремено и редовно спроведување на третманскиот протокол.

Неодамна излегоа препораки од Министерството за здравство, како и од NHS, ЕСМО – Европско здружение на медицинска онкологија, според кои мерките за заштита на овие пациенти воопшто содејствуваат со мерките за сите.

Генерално препораките за онколошки болни во време на КОВИД 19, се редовно примање терапија, но при посетата на клиниката да не се оди во друштво. Тоа се однесува за пациентите кои примаат терапија во болнички услови, додека оние што примаат иновативни терапии (пример таргет терапии), кои во голем дел се таблетарни, имаат можност да добијат терапија за подолг период со што се избегнува непотребното одење до болница.

Примањето на зрачната, биолошката и хемотерапијата се одвива нормално и без прекини, но се препорачува да се избегнува секоја друга терапија што не мора да се даде. Пациентите треба да се во постојан контакт со својот онколог како би дознале на време дали има потреба да се измени нивниот третмански режим. Онаа терапија што се прима таблетарно препорачливо е да ја подигне член на семејството. Одложувањето на посетите кај онколог се однесува само на редовните годишни контроли, кои би се презакажале откако пандемијата ќе заврши.

И за овие пациенти важат истите оние заштитни мерки и препораки што се за целата популација, и кои се дел од општата култура и знаење како редовно миење рацете, да не се употребува заеднички прибор, темелно миење на овошје и зеленчук, дезинфекција на површини, избегнување на допирање на лицето со раце и воопшто избегнување секаков близок контакт со други луѓе, ограничување на излегувањето итн. Исто така, онколозите имаат препорака и за исхраната на пациентите, односно и во овие денови исклучително е важно да биде избалансирана, витаминска и разновидна. Покрај добрата хигиена и урамнотежената исхрана, пациентите можат да ја зголемат одбраната на своето тело и со умерено вежбање и пешачење на отворено, далеку од контакти со други луѓе.

Кога станува збор за заложбите на лекарите да го зајакнат имунолошкиот систем на пациентот, во пандемија, тие не се многу различни од оние во нормална состојба.

 

Оваа ситуација налага вонредни реакции, и вистината е дека овие пациенти најмногу се заштитени доколку сите останати ги почитуваат мерките и препораките и на тој начин да ги заштитат.

 

 

Треба да знаете
Последни објави