Германската влада планира нов пакет законски мерки во областа на здравството за решавање на пандемијата на коронавирусот.
Овие мерки вклучуваат, меѓу другото, масовно проширување на тестирањата за коронавирусот и со помош на ветеринари, построго известување за сомнителни случаи и заболувања, како и лабораториски анализи, како и заштита на приватни здравствени осигуреници, кои би можеле да имаат финансиски тешкотии поради актуелната криза.
Новиот пакет мерки бара лабораториите и лекарите во иднина на надлежните здравствени установи да им пријавуваат не само случаи на сомнителна инфекција, потврдени и смртни случаи, туку и негативни тестови, како и излечени.
Во иднина, здравственото осигурување треба да ги покрие и трошоците за тестовите, без разлика дали има симптоми на инфекција или не.
Досега, само во случаи на основано сомневање за инфекција се спроведувало тестирање и за стандардниот ПЦР-тест осигурувањето плаќало 59 евра.
За да се зголеми капацитетот на тестирање, привремено ќе се користи помошта на ветеринарите.
Исто така, новиот пакет мерки вклучува законска регулатива за преземање на трошоците за лекување на пациенти со коронавирус од други земји на ЕУ, кои во моментот ги има околу 200 на интензивни одделенија во германските болници.
Покрај тоа, законот предвидува планирање на повеќе вакцини за следната сезона на грип.