Марија Вавлукис, кардиолог од УК за кардиологија во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ зборуваше за намалениот број пациенти, па оттаму останува нејасно дали станува збор за страв или губење на пациентите.
Лицата со срцеви заболувања се во поризична група доколку се соочат со инфекција од короавирусот.
-На сите е веќе познато дека први на удар се пациентите со срцева слабост и пациентите со одредени ризик фактори – артериска хипертензија и дијабетес. Тие се поподложни на другата популација. Важно е да се каже дека оние пациенти кои ќе се соочат со КОВИД-19 инфекцијата имаат многу полош клинички тек споредени со останатите пациенти без овие две заболувања. 40 до 50% е смртноста кај пациенти со кардиоваскуларна болест, додека таа е 7 до 8% кај останатите пациенти. Миокардна повреда, дефинирана како зголемено ниво на тропонин, може да се појави поради миокардна исхемија или не-исхемични миокардни процеси вклучително и миокардитис. При тешка респираторна инфекција и хипоксија, особено во услови на тежок ARDS (акутен респираторен дистрес синдром) кој се должи на COVID-19 инфекција, веројатно бројот на пациенти кои ќе развијат ваква повреда ќе биде значителен, вели Вавлукис.



