Дресот на Никос Галис од Европското првенство во кошарка во 1987 година, кога Грција стана шампион, беше продаден за 8.500 евра на аукција на лични предмети на грчките спортисти во организација на надлежното министерство со цел да се поддржи борбата за справување со Ковид-19, јави дописничката на МИА од Атина.
Дресот, потпишан од грчкиот кошаркар беше продаден за рекорден износ на досегашните спортски аукции во Грција.
Доцна синоќа заврши аукцијата за рекетот со кој Стефанос Циципас победи на АТП турнирот во ноември 2019 година, а највисокиот износ достигна до 5.500 евра.
Боксерските ракавици на 17 пати светскиот шампион во кикбокс Михалис Замбидис беа продадени за 5.000 евра.
Во 21.55 часот вечерва, по локално време завршува аукцијата на копијата од дресот на Дино Раѓа од Југопластика од сезоната 1988/1989. До пладне, понудени беа 360 евра.
Во рамките на програмата „Живеј спортски” на Министерството за спорт на Грција, минатиот понеделник започна онлајн аукцијата, што е во тек, на спортски предмети. Први на аукција беа дресот на Галис и ракавиците на Замбидис, а љубителите на спортот и спортските колекционери имаат можност да наддаваат за да добијат дресови и предмети од спортистите.
Активни се 49 аукции, а средствата се уплаќаат на специјална сметка на Институтот за фармацевтски истражувања и технологија.