ЕБОР останува да ја поддржува Северна Македонија во справувањето со последиците од коронавирусот КОВИД-19 и ќе ја поддржи земјата со 250 милиони евра

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски на онлајн видео конференција, заедно со министерката за финансии Нина Ангеловска и министерот за економија Крешник Бектеши, одржаа состанок со претседателот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Сума Чакрабарти и неговите соработници, за состојбата со пандемијата на коронавирусот КОВИД-19 и за последиците, кои на глобално ниво и во нашата земја ги предизвикува ова заболување.
Претседателот на ЕБОР, Чакрабарти изрази задоволство како властите во Република Северна Македонија се справуваат со пандемијата на КОВИД-19, како и од преземените мерки за намалување на последиците. На видео конференцијата беше истакнато дека банката ќе го активира  „Пакетот солидарност” за справување со економските последици од пандемијата КОВИД-19, а значителна поддршка ќе биде ориентирана кон земјите на Западен Балкан, вклучувајќи ја и Република Северна Македонија.
Оваа година Република Северна Македонија од ЕБОР ќе биде поддржана со пакет од 250 милиони евра наменет за поддршка на финансискиот сектор, за енергетскиот сектор, за мали и средни претпријатија, но и за големите компании.
Дел од оваа поддршка е насочена и кон инфраструктури проекти, кои во наредниот период треба да се финализираат во тесна соработка меѓу Владата на Северна Македонија и ЕБОР.
Претседателот на ЕБОР, Чакрабарти, упати искрени честити за членството на нашата земја во НАТО и започнувањето на преговори со Европската Унија. Тој истакна дека ЕБОР останува посветена на поддршката на Република Северна Македонија во процесот на преговори со ЕУ и во најкус период ќе биде потпишан меморандум за соработка за оваа сфера.
Премиерот Спасовски изрази благодарност за досегашната поддршка, како и за отвореноста на ЕБОР, особено во овој тежок период и за вклучувањето на Република Северна Македонија во  „Пакетот солидарност”.
Воедно премиерот Спасовски искажа посветеност на Владата кон сите отворени досегашни проекти, но и кон проектите кои се во процес на планирање, за поддршка на динамичен економски раст.
Треба да знаете
Последни објави