Метелко-Згомбиќ: Ја чекаме преговарачката рамка на ЕК за преговорите со С.Македонија

Хрватското претседателство е во исчекување на преговарачката рамка што ќе ја понуди Европската Комисија за пристапните преговори со Северна Македонија, по што прашањето ќе може да се стави на дневниот ред на министрите и да се одлучи за отворањето на првите поглавја, јави дописничката на МИА од Брисел.

На видеоконференцијата со новинарите по средбата на министрите за европски прашања на ЕУ, хрватската државна секретарка за ЕУ, Андреја Метелко-Згомбиќ, одговарајќи на новинарско прашање порача дека е веќе „голема работа што е донесена одлуката за отворање на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија” минатиот месец.

-Согласно со оваа одлука, сега е прво на Европската Комисија да ја подготви преговарачката рамка, и уверена сум дека внимателно работат на тоа, еднаш кога ќе биде подготвена оваа рамка, министрите со задоволство ќе разговараат за неа, и тогаш ќе знаеме кои се следните чекори, изјави Метелко-Згомбиќ за МИА.

Преговарачката рамка што ја подготвува Европската Комисија се главните теми и принципи врз која ќе се темели преговарачкиот процес, овој документ мора да биде одобрен од сите земји членки на ЕУ. Земјата кандидат треба да подготви своја преговарачка рамка.

Хрватската државна секретарка не беше во можност да каже кога може да се очекува прашањето да дојде на дневен ред, поради тоа што кризата со коронавирусот целосно ја измени агендата на ЕУ институциите. Но од Европската Комисија потврдија дека и покрај ова тие работат на подготовка на рамката за преговори.

Метелко-Згомбиќ информираше дека вчера се одржал и разговор помеѓу хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, на кој станало збор за организирањето на самитот ЕУ – западен Балкан, исто така одложен поради кризата.

-Рано е да се каже кога ќе може да се организира самитот, но ги вложуваме сите наши напори за да обезбедиме средба на највисоко ниво за време на нашето претседателство, изјави Метелко-Згомбиќ, односно пред први јули кога завршува хрватското претседавање со Унијата.

Еврокомесарот за интеринституционални прашања, Марош Шевчович, од своја страна додаде дека е важно земјите и граѓаните на западниот Балкан да знаат дека Европската Унија е целосно фокусирана на вклучување на регионот во сите иницијативи поврзани со справувањето со коронавирусот.

-Сакам да ги уверам нашите пријатели на западниот Балкан дека кога ги развиваме нашите политики за закрепнување на економијата, ќе ги имаме на ум и ќе се обидеме да ги вклучиме колку што е можно повеќе, изјави еврокомесарот.

Треба да знаете
Последни објави