Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за земјава предвидува 4 проценти пад на македонската економија. Според ММФ клучно за оваа состојба е пандемијата на коронавирусот, како и евентуалното прелевање на глобалната рецесија кон земјава.
„Економската состојба во Северна Македонија се влоши значително поради пандемијата COVID-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови на доверба и прелевањето од глобалните финансиски канали, создаде итна потреба од платен биланс. Изборите планирани за април 2020 година се одложени, што значи дека привремената влада ќе остане на сила следните месеци“ се наведува во извештајот.
Според ММФ, македонските власти реагирале брзо со привремена поддршка на фискалната политика со цел ограничување на социјалните и економски влијанија на здравствената вонредна состојба со заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување работни места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливи домаќинства.
„ Народната банка на Северна Македонија ја намали основната камата за да се охрабрат банките да ги реструктуираат долговите. Властите исто така изразија силна посветеност, за зачувување на монетарната, надворешната и финансиската подготвеност за преземање на дополнителни мерки ако е потребно“ покажува извештајот на ММФ.
Од таму потсетуваат дека земјава добила помош од 176.53 милиони евра за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.
Фондот е подготвен да ја поддржи Северна Македонија за борба против пандемијата и да помогне економијата да се опорави, се додава во извештајот за земјава.