Мафијашки бос кој издржувал затворска казна од 23 години, според најстрог режим во затворот во Милано, е пуштен во домашен притвор поради здравствен ризик.
Судија од Милано одобрил пуштање во домашен притвор за мафијашкиот бос Франческо Бонура, кој издржувал казна според најстроги затворски мерки, кои предвидуваат целосна изолација и никаков контакт со други затвореници.
Бонура, кој е осуден во 2012 година поради мафијашко здружување и изнуда, пуштен е со образложение дека е изложен на зголемен здравствен ризик од зараза во преполните италијански затвори. Тој бил еден од обвинетите во првото макси судење на Коза ностра.
Вонредната состојба поради пандемијата на коронавирусот ризикува да ги доведе во домашен притвор не само обичните затвореници, туку и големите шефови на мафијата.
Бонура уште утре ќе може да се врати во својот дом во Палермо.
Судијата ја објаснил одлуката за домашен притвор на мафијашот од Палермо со здравствени причини.
„Земајќи ја предвид моменталната вонредна ситуација во здравството и со неа зголемениот ризик од зараза, кој несомнено е поголем во опкружување со голема густина на населеност, како што е затворот, кој повозрасните лица со сериозни болести ги изложува на тешки последици“, рекол судијата.
Тој додал дека Бонура домашниот притров ќе го помине во куќата на неговата сопруга во Палермо, каде нема да може да се сретне со никој од криминалното подземје, но шефот на мафијата и натаму може да ја напушти куќата поради здравствени причини, вклучително и здравјето на членовите на неговото семејство и поради значајни семејни потреби.