Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека во текот на вчерашниот ден во земјата се регистрирани шест нови случаи на лица заразени од новиот коронавирус, како и петмина излекувани и три смртни случаи.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, ова претставува видно намалување на бројот на новозаразени, со оглед дека во претходните четири дена беа регистрирани вкупно околу 150 нови случаи кои од извршените лабораториски тестирања резултираа заболени од Ковид-19.
Според официјалните статистики, вклучително вчерашните податоци, од појавата на епидемијата во Косово се евидентирани вкупно 604 заразени, од кои 18 починале, додека 128 се излекувани.
Од новите случаи, кај кои во вторникот е потврдено присуството на новиот коронавирус, по двајца се од општините Призрен, Северна Митровица и Пеќ.
Вчера почина 40-годишна бремена жена од Ѓаковица заразена од новиот вирус, која, според косовските здравствени власти, на Инфективната клиника на Клиничкиот и универзитетски центар во Приштина била примена на 15 април во тешка здравствена состојба. По еден смртен случај како последица на епидемијата се забележани во општините Звечане и Лепосавиќ во северно Косово.
Според синоќешното соопштение на ИШПК, вчера во неговата Лабораторија за молекуларна микробилогија се тестирани примероците на 190 лица за кои постоело сомневање дека се можни носители на новиот коронавирус. Вкупната бројка на тестирани од појавата на епидемијата, заклучно со вчерашниот ден, изнесува 5.200.