Претседателот на Косово Хашим Тачи, по денешните консултации со лидерите на парламентарните партии, изрази уверување дека државата во наредните неколку денови ќе добие нова влада, со оглед дека на актуелната, предводена од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ), Албин Курти, уште на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Откако вршителот на должноста премиер, Албин Курти, неколку пати не одговори на барањето да определи кандидат за формирање нова влада, Тачи попладнево организира состанок со лидерите на другите парламентарни партии, по кој изјави дека е постигната согласност за формирање нова влада.
По состанокот во неговиот кабинет, Тачи изјави дека сите партии, освен ВВ, се изјасниле за формирање нова влада и против нови избори и ќе го предаде мандатот на онаа партија која ќе обезебеди парламентарно мнозинство.
Во објава преку својата страница на Фејсбук, Тачи вечерва нагласи дека нема да има ниту распуштање на Собранието, ниту предвремени парламентарни избори.
Според косовскиот претседател, лидерите на партиите кои во Собранието имаат повеќе од две третини од пратениците се согласиле дека на Косово не му требаат избори, туку нова влада.
– Штотуку го завршив состанокот со лидерите на политичките партии претставувани во Собранието на Република Косово и од 120 пратеници, претставниците на 91 од нив се изјаснија за формирање нова влада произлезена од изборите од 6 октомври 2019. Јас ќе ја почитувам нивната волја, Уставот и законите на Косово. Во наредните денови Косово ќе има нова влада и нема да има распуштање на Собранието, ниту нови избори. Косово има способност и умереност за, и покрај оваа пандемија, да формира нова влада и да гарантира демократско функционирање на институциите на Република Косово, напиша Тачи.
Премиерот во оставка и лидер на ВВ, Курти, пред тоа, му напиша на Тачи дека не е точно оти ги одбил неговите барања да именува кандидат за премиер и дека претседателот на државата нема уставни овластувања да го дава мандатот за нова влада, кому било освен на партијата победничка на последните избори, односно на ВВ. Според Курти, не постои ниту некаков временски рок во кој победникот на изборите треба да одговори на барањето да именува мандатар.
По средбата кај Тачи, лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, чија партија беше второрангирана на последните избори, изјави дека веќе ги започнал консултациите со идните коалициски партнери и дека може да обезбеди парламентарно мнозинство за формирање нова влада.
Претседателот на најголемата опозициска партија во овој парламентарен состав, Демократската партија на Косово (ПДК), Кадри Мустафа, се согласи дека е потребно формирање нова влада, но нагласи дека нема да учествува во неа, односно ќе остане во опозиција.
Лидерите на опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК) и Социјалдемократска иницијатгива (Нисма), поранешниот премиер Рамуш Харадинај и неговиот вицепремиер Фатмир Лимај, се согласија дека на земјата ѝ е потребна влада произлезена од минатогодишните избори и најавија дека ќе го поддржат кабинетот кој ќе го предложи ЛДК.
На состанокот кај Тачи присуствуваше и потпретседателската на ВВ, министерката за правда во оставка Албулена Хаџиу, која изјави дека дејствијата на претседателот на државата се противуставни и дека за нив ќе биде побарано толкување од Уставниот суд.